by admin
8/22/2009 11:50:00 AM
Бројот од 0.6% заболени лица од аутизам можеби не звучи многу загрижувачки, но како и останатите лица со инвалидност и овие лица се среќаваат со извесни потешкотии, па од таа причина би било можеби корисно да се изнесат некои познати и помалку познати факти во тој контекст.
Лицата со инвалидност се среќаваат во сите возрасни групи и за сите нив е тешко вклопувањето во социјалната средина, но мора да се признае дека соочувањето со овој факт е најкомпицирано кај децата во предучилишна и училишна возраст. Имено аутизмот е заболување кое ја намалува способноста за непречена социјална интеракција и комуникација, намален интерес и повторливо однесување, а се детектира во најраната возраст – првите две години од животот. Многу е важно негово навремено идентификување, со цел поедноставно соочување на детето со средината, но и поедноставен живот за неговата блиска околина.
Важен аспект е социјализацијата на детето во градинките и училиштата која зависи од односот наставник - родител, но оваа комуникација е многу често доведена во прашање заради несвеснста на родителите или недоволната едукација на кадарот. Постојат многу пристапи во олеснувањето на овој однос, меѓу кои и навремено известување на наставникот и на целокупниот кадар за состојбата на детето, водење на дневник во кој наставникот ќе ги наведува сите точки од секојдневните активности на детето, со што се овозможува полесно резимирање на придобивките од спроведената терапија.
Аутизмот кој најчесто почнува да се развива уште во детството продолжува во тек на целиот живот, но можеби во една помалку изразена форма и никако не треба да се поистовети со намален коефициент на интелигенција, иако не ретко се јавуваат и такви случаи. Постојат неколу истражувања во Велика Британија, кои говорат дека дури 12% од возрасните испитаници со аутизам дијагностициран во детството се снашле одлично во секојдневниот живот, 10% стекнале постојани пријателства и се во редовен работен однос, но им е потребна мала подршка од општеството, 19% се одликуваат со делумна независнот, но сепак живеат во склоп на семејствата, 46% бараат постојан надозр од специјалист, но сепак се карактеризираат со извесен степен на автономија, а 12% бараат интензивен лекарски надзор.
Овие проценти говорат дека сепак овие лица можат активно да се вклучат во секојдневието, а општеството им ја должи таа шанса.