Статија која ја прочитав на интернет ми даде поттик да ја пренесам и овде. Се работи за значењето на вклучување на лицата со инвалидност во работното општество.
Еден од десет луѓе во светот имаат некој вид на инвалидност. Официјалната статистика е дека има околу 650 милиони лица со инвалидност во светот. Околу 470 милиони се во работни години. Иако многу од нив се успешно вработени и целосно интегрирани во општеството, сепак, овие лица често се соочуваат со сиромаштија и невработеност. 80 проценти од сите лица со инвалидност во светот живеат во рурални средини во земјите во развој и имаат ограничен или никаков пристап до услугите кои им се потребни.
Обезбедувањето на пристојна работа за лицата со инвалидност има и социјална и економска смисла. Сепак, тие искусуваат висока невработеност и пониска заработувачка од лицата без инвалидност. Тие се најчесто поврзани со ниски, послабо платени работи со мала социјална и правна сигурност. Тоа влијае на нивната самодоверба. Повеќето се обесхрабруваат и се повлекуваат. Но, има и поинаква слика. Лицата кои наоѓаат работа која е соодветна на нивните вештини, можности и интереси, даваат значителен придонес во работата.
Во денешното време на економска и политичка несигурност, заштитата на најранливите членови на општеството е од голема важност. За постигнувањето на целите за намалување на сиромаштијата, потребно е да се воведат значителни активности за промовирање на вработеност, рурален развој, намалување на сиромаштијата и пристојна работа за лицата со инвалидност. Придонесот од овие лица, исто така, ќе доведе до економски и социјални придобивки на земјите во светот.