Непосредно по завршувањето на Светскиот Куп во Германија, во Волмеранж ле Мин, Франција од 20-24.05.2009 година се одржа третиот “Гранд Приџ” на Франција во стрелаштво за инвалиди. Нашите параолимпијци и на овој голем спортски настан имаа тријумфален настап со освојување на 5 медали од кои 3 поединечни и 2 екипни.
Во Волмеранж ле Мин настапија преку 130 натпреварувачи од 23 држави, а Република Македонија ја претставуваше “А” репрезентацијата во состав: Бранимир Јовановски - селектор, тренер и стрелец, Ванчо Каранфилов – стрелец, Оливера Наковска-Бикова – стрелец и Далибор Јовановски - асистент. Тројцата спортисти освоија вкупно пет медали од кои четири златни, успех каков само можеше да се посакува, но во исто време и огромно чувство на тага за откажаното Европско првенство во Полска. Нашите спортисти се во топ форма и да се одржеше првенството сигурно некој од нив веќе во првата олимписка година ќе имаше шанса да освои квота за учество на Параолимписките игри во Лондон 2012. Вака останува да се чека Светското првенство идната година.
Меѓутоа успехот е извонреден и вреди да се напише хронолошки.
Во поединечна конкуренција Оливера Наковска-Бикова повторно се закити со медал и тоа во нејзината дисциплината воздушен пиштол - жени, овојпат во конкуренција на 4 натпреварувачки со истрелани 368 кругови го освои првото место и златниот медал. Во истата дисциплина кај мажите во конкуренција на 36 спортисти, Ванчо Каранфилов со резултат од 551 кругови се пласира на 11-то место, Бранимир Јовановски со резултат од 545 кругови беше 17-ти.
Другите два поединечни медали ги освои нашиот параолимпиец Ванчо Каранфилов. Во дисциплината спорт пиштол со резултат од 563 кругови во конкуренција на 23 натпреварувачи, Ванчо Каранфилов го освои првото место. Во оваа дисциплина Оливера Наковска-Бикова со резултат од 549 кругови се пласира на 6-то место, додека Бранимир Јовановски со резултат од 548 кругови се пласира на 7-то место.
Во дисциплината малокалибарски пиштол слободен избор во конкуренција на 26 натпреварувачи Ванчо Каранфилов со резултат од 610,2 (526) кругови го освои третото место, во финалето стрелаше и Оливера Наковска-Бикова која со 595 (518) кругови го освои 8-то место, додека Бранимир Јовановски со резултат од 490 кругови го освои 16-то место.
Екипно во дисциплината Спорт пиштол со вкупно 1660 кругови репрезентацијата на Македонија во состав Ванчо Каранфилов, Оливера Наковска-Бикова и Бранимир Јовановски го освои првото место, пред репрезентациите на Германија 1630 и Франција 1587 кругови кои се пласираа на второто, односно третото место.
Во дисциплината Малокалибарски пиштол слободен избор, нашата репрезентација во состав Ванчо Каранфилов, Оливера Наковска-Бикова и Бранимир Јовановски го освои првото место со 1534 кругови, втора беше репрезентацијата на Италија со 1510 кругови, додека третото место го освои репрезентацијата на Унгарија со 1506 кругови.
И уште еден податок кој потврдува дека и параолимпијците придонесуваат за афирмација на Република Македонија во светот. Успесите на нашите спортисти, нивната препознатливост и особено двете победи за 7 дена од две меѓународни првенства, придонесоа Оливера Наковска-Бикова да се најде на насловна спортска страна на француски весник. Организаторите ни сочуваа неколку примероци од весниците и ни ги поклонија пред повеќе стрелци на стрелиштето, а по еден примерок од весникот беше ставен во службеното сандаче на секоја репрезентација. Неможам со неколку зборови да ви опишам колку бевме горди во тој миг.
Од ФСРИМ-МПК,