Новости

петок, 30 јули 2010

Слепите лица нема да плаќаат патарина и шест пати годишно ќе можат бесплатно да патуваат низ Македонија  Слепите лица ќе бидат ослободени од плаќање патарина и шест пати во годината ќе можат да вадат бесплатни повратни билети за превоз во внатрешноста. Ова го предвидуваат најновите измени и дополнувања на законите за јавни патишта и за превоз во патниот сообраќај што ги изготви Министерството за транспорт и врски.


- Со овие измени на законската регулатива Владата овозможува и категоријата граѓани кои се слепи да имаат овластувања во користењето на превозот и во плаќањето патарина, рече денеска на прес-конференција портпаролот на Министерството за транспорт Драган Симоновски.

Во Законот за јавни патишта, во делот каде се пропишани категориите граѓани чии возила се ослободени од плаќање патарина и патна такса при регистрирањето на возилата, покрај лицата со признато телесно оштетување од 80 отсто, болни од дистрофија, мултиплекс склероза, церебрална парализа, параплегија, хемиплегија, квадриплемија, детска парализа, лица кои се на дијализа и лица со ампутација, е предвидено да се додаде и категоријата слепи, со оштетување на видот над 90 проценти.

Со предложените измени на Законот за превоз во патниот сообраќај, пак, се додава став согласно кој превозникот и автобуската станица се должни на слепото и лице и неговиот придружник доколку имаат потврда за членство и возен картон од Сојузот на слепи, да им издадат повратен билет без надомест за патување во Македонија. Издавањето на картата е на трошок на превозникот.